Во дерби натпреварот од 10. коло во Првата ЖМФЛ, фудбалерките на Истатов освоија бод во соочувањето со лидерот на табелата и актуелен шампион, Љуботен.
Двата тима постигнаа по два погодоци, а домаќинот можеше да стигне до изненадување со оглед на фактот дека имаше предност од 2:1.
Љуботен поведе уште во првата минута откако Ајури Тераваки успеа да ја совлада Илина Кировска.

Во продолжението од мечот Истатов успеа да направи пресврт и да дојде до водство. Во 32. минута Ива Здравевска израмни на 1:1, а во 61. Катерина Петкова беше стрелец на вториот гол за домашниот состав.
Љуботен стигна до израмнување во 66. минута со погодокот на Александра Марковска.

Директниот конкурент на Тетовки, Скопје на гостувањето во Кочани славеше со 3:0, а головите беа дело на Рабија Дервиши, Мила Панева и домашната голманка Христина Гоговска која ја затресе сопствената мрежа.
Најубедливиот триумф го забележа Каменица Саса која ја совлада Речица со 9:1, Тиверија беше поуспешна од Топ Гол и забележа победа од 1:0 додека Ас Јунајтед како гостин славеше над Вардар со 2:1.















