Фудбалерите на Арсенал ја продолжија шампионската серија во Премиерлигата откако денеска на гостувањето кај Барнли освоија нови три бода победувајќи со 0:2. Тимот на менаџерот Микел Артета стигна до 25 бода, дури седум повеќе, со натпревар повеќе, во споредба со второпласираниот Борнмут, и убедливо го заземаат првото место на табелата.
Арсенал поведе со гол во свој стил, по корнер. Деклан Рајс изведе центаршут, Габриел ја спушти топката до Виктор Ѓокереш на втората статива, а Швеѓанецот ја погоди мрежата на Барнли за 0:1 во 14-тата минута.
Вториот гол на Арсенал дојде по „убиствен“ контранапад. Стрелец беше Декалан Рајс за конечни 2:0 .
Победничката серија на Манчестер Јунајтед запре на гости кај Нотингем. „Шумарите“ успеаја да извадат реми играјќи 2:2, откако гостите на полувреме со голот на Каземиро водеа со 0:1. Сепак, Форест направи пресврт за само пет минути по почетокот на вториот дел. Прво, Морган Гибс-Вајт израмни во 48-та минута, а потоа италијанскиот дефанзивец Николо Савона погоди и за 2:1.
Напаѓачот на „црвените ѓаволи“ Амад Дијало донесе конечни 2:2.
Во другите натпревари Брајтон го победи Лидс со 3:0, Фулам со ист резултат славеше против Вулверхемптон, додека Кристал Палас со 2:0 дојде до трите бода на мечот со Брентфорд.










