Управниот одбор на Македонскиот Олимписки комитет ја одржа својата редовна седница на која меѓу главните точки се најде и усвојувањето на извештајот за ЕМОФ, именувањето на нов менаџерски тим и одобрувањето на новите олимписки стипендии за ОИ Лос Анџелес 2028.
Управниот одбор едногласно донесе одлука за избор и именување на нов генерален секретар, Ѓорѓи Тасев. Тој во своето обраќање најави визија за модерна, транспарентна и дигитализирана канцеларија и изрази благодарност за довербата. Претседателот Димевски истакна дека е неопходна нова енергија од млади луѓе. Во тој контекст, едногласно беа избрани и Петар Спасеновски – Раководител на сектор спорт, Елена Зисовска Апостолска – Шеф на кабинет, Александар Богоевски – Директор на СЦ Јане Сандански, Сашо Димитријоски – Член на Управен одбор, и Дејан Митровски – Комесар за безбедност.
МОК и претседателот Димевски изразија огромна благодарност до досегашниот генерален секретар Сашо Поповски и досегашниот спортски директор Владимир Богоевски за нивниот непроценлив придонес во издигнувањето на МОК во изминатите години. Како што беше нагласено на седницата, двајцата ќе останат во рамките на МОК, каде со своето знаење и искуство ќе продолжат да придонесуваат. Поповски ќе биде одговорен за комуникација со меѓународни организации, додека Богоевски ќе биде Советник за спортски прашања на претседателот Димевски.
Во фокусот на седницата беше извештајот за Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025, кој беше едногласно усвоен.
Меѓу останатите одлуки, Управниот одбор едногласно ги усвои и предлозите за новите Олимписки стипендии за ОИ Лос Анџелес 2028. Одобрени беа 9 стипендии, со вкупен месечен износ од 9.000 американски долари, кои ќе се исплаќаат директно на спортистите. По завршувањето на седницата, беа и свечено потпишани договорите со стипендистите.
Стипендисти за ОИ Лос Анџелес 2028 се:
- Дејан Георгиевски (1.600 УСД) – Таеквондо
- Мила Рељиќ (1.600 УСД) – Таеквондо
- Дарио Ивановски (1.200 УСД) – Атлетика
- Ангел Петрушев (1.200 УСД) – Кајак
- Анастасија Мојсовска (800 УСД) – Спортско стрелаштво
- Магомедгаџи Нуров (800 УСД) – Борење
- Владимир Егоров (800 УСД) – Борење
- Душица Бреслиева (600 УСД) – Таеквондо
- Никола Ѓуретановиќ (400 УСД) – Пливање










