Коментар на 11.коло: Вардар наликува на шампионски тим!

181

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Два тешки меча, две победи, и тоа против Шкендија под Шара и вчера со Силекс на Арената во Скопје. И затоа Вардар сега е прв со 27 бодови пред Струга ТЛ со 26, Шкендија 24 и Силекс 21 бод.

И дефинитивно Вардар не блеска, но Вардар игра на резултат, тактички одлично воден од Гоце Седлоски и веројатно има и малку среќа, ама таа среќа треба да ја заслужиш.

Е сега за нешто друго. Како фудбалски човек кој не е фан на Вардар, мое е да си кажам, уверен дека сум во право.

Вчера по мечот на социјалните мрежи најмногу “удрија“ поранешни вардарци, лица кои јаделе леб од тој клуб а сега од (не)разбирливи причини се најголемите противници на овој Вардар.

Или си имаат свои лични причини.

Како да не им е мило што Вардар сега е прв, што е победник во Купот што по долги години играше во Европа.

Но, тоа е нивна работа.

А сега да прашам што вчера беше спорно?

Или само за инает ќе дискутираме, демек ова, она…

Ако некој пишувал критички за Вардар тоа е потписникот на овој текст.

А сега ајде да се навратиме на дербито синоќа.

Дали голманот Џеков направи фаул надвор од казнетиот простор? Да!

Дали играч на Силекс играше со рака во таа 90+10.минута и требаше да биде пенал? Да!

Дали Силекс на 1:1 имаше барем 2-3 опасни контри за водство? Да!

Па зошто не постигна барем еден гол за победа? Кој им е виновен на кратовци.

Дали во Тетово домашниот играч играше со рака во својот казнет простор и дали Ибраими беше во офсајд при голот? Да!

И пак ќе прашам. Каде е проблемот?

Секако дека ќе беше поинаку ако Струга ТЛ не го загубеше моментумот по таа 90+3.минута на 1:2, се сеќавате на шансата на Малески кога успеа да промаши празен гол, па потоа стружани беа казнети за 2:2, а и загубија дома со Брера, а и едвај славеа со Шкупи.

Така е тоа кога ќе го загубиш тој моментум кој те “влече“ напред.

Да го дадеше голот Малески против Вардар за 1:3, сега ќе беше “друга песна“. Сега тимот на Бледи Шкемби ќе имаше +4 пред Вардар.

Но,….Малески не го искористи зицерот.

Значи самата Струга ТЛ си е виновна.

Зошто Вардар наликува на шампионски тим? Па, и кога не игра добро знае да победува, да освојува бодови, знае како да ги казни грешките на противникот. А тоа знаат да го прават само големите тимови.

Заврши првата третина од овој шампионат, има уште многу да се игра. Ништо уште не е решено во битката за титулата, но Вардар сега е во пол – позиција. Сега тој моментум е на негова страна.

Доста со фалење. Вардар си има свои мани, слабости, грешки, пропусти…но Вардар има ривали кои сето тоа не знаат да го казнат.

Во тоа е разликата.

ПретходноУдинезе со минимален триумф над Аталанта
СледноМакедонија минимално поразена на втората контрола со Јапонија (ФОТО)