Одбојкарките на Газели Волеј ја запишаа втората овосезонска победа откако со пресврт славеа со 3:1 (17:25, 25:14, 27:25, 25:17) во дуелот со Струмица Жени, кој носеше епитет дерби на колото во четвртиот натпреварувачки викенд во најсилната женска лига.
Струмичанки делуваа сигурно во СЦ „Форца“ во Скопје во првиот сет, но домашниот состав имаше комплетно враќање во мечот за важни три бода. Го кренаа нивото на играта, особено на мрежата одбојкарките на Деан Стојанов и тоа донесе пресврт.
Коректорот на Газели Волеј, Теа Терзиевска 26 поени беше најефикасна на натпреварот, следена од Даниела Горбок со 10. Во редовите на Струмица жени, капитенот Елена Пандева запиша девет поени.
Два натпревари од четвртото коло беа одложени поради настапи на екипите во европските клупски купови, а на некомплетната табела лидер е Работнички Скопје со четири победи во исто толку натпревари, следен од Јанта Волеј КВ и Наковски Волеј со по еден натпревар помалку.










