Денеска на програмата се два натпревари од новото дванаесетто коло од ПМФЛ шампионатот, а во едниот се среќаваат екипите на Македонија ЃП и Струга ТЛ.
Овие два противника веќе имаат меѓусобно искуство сезонава, и тоа непријатно за денешниот домаќин. Струга во рамките од 1/8 финалето од националниот Куп во Ѓорче Петров победи со по малку неверојатни 0:5, по што многу прашања се отворија и во обата табора.
„Можам слободно да кажам дека тоа за нас беше само еден лош ден. Тоа не беше ниту е во моментов вистинската слика за тимот на Македонија ЃП, и во тоа ќе се уверите токму денеска. Научивме многу од тој дуел, пред се како да се однесуваме на терен, како да реагираме на негатива, и ред други нешта. Таа лекција е научена. Македонија ЃП има квалитетен тим, што не е ранлив лесно и тоа ќе го докажеме на терен. Одиме да ги освоиме трите бода денеска, како што впрочем правиме секогаш кога играме пред нашите навивачи“ – вели Ѓорѓи Стоилов.
Струга Трим Лум сака да продолжи со победи во шампионатот. Фудбалерот за врска Бесмир Бојку вели дека неговиот тим го очекува тежок натпревар.
„Секако, нè очекува многу тежок гостински натпревар, играме против добар тим. Верувам дека направивме правилна анализа за овој противник и верувам дека ако ги извршуваме задачите дадени од тренерот, на крајот ќе излеземе со гордо крената глава и ќе продолжиме по патот кон нови успеси“, вели Бесмир Бојку.
„Ова ќе биде сосема поинаков натпревар од оној во Купот. Денеска се бориме за бодови“, потенцира Бојку.
Струга Трим Лум им се врати на победите во минатото коло совладувајќи го Шкупи, а по 11 кола се наоѓа на втората позиција со 26 бода, еден зад лидерот Вардар. Македонија ЃП е осмопласирана, со 14 освоени бода.
                














