Ристовски: Играњето за Црвена Звезда во Европа е задоволство, сатисфакција и голема обврска

136

 

Македонскиот младински репрезентативец и интернационалец во редовите на белградска Црвена Звезда, Горазд Ристовски со својата генерација есенва прави се за да влезе во групната фаза од европската младинска Лига на шампиони. Веќе е мината пречката наречена наречена Бањик Острава, а следен е двомечот со тимот на Жилина.

Спортспорт како медиум кој одсекогаш практикувал комуникација пред се со младите надежи на македонскиот фудбал, денеска обави поширок разговор со момчето кое што е дел покрај од Црвена Звезда и од репрезентацијата на Македонија до 19. години.

Какво е чувството да се играат натпревари за Црвена Ѕвезда во Youth Champions League?

„Играњето за Црвена Ѕвезда во Youth Champions League е неверојатно чувство. Тоа е голема чест и мотивација, бидејќи се соочуваме со најдобрите младински екипи во Европа и секој натпревар е можност да се покаже колку вредиме. Атмосферата, темпото и нивото на игра се на највисоко можно ниво. Полека сфаќаме дека ако темпото на игра е вака високо на младинско ниво, тогаш какво ли е на сениорско ниво, и тоа ме тера секој ден, секој тренинг да бидам подобар и да давам колку што можам повеќе од себе. Особено ме радува дека со секој изминат натпревар растеме како екипа, притисокот се намалува затоа што полека стануваме свесни за нашите квалитети. Овие две утакмици против Бањик-Острава беа навистина одлични. Би сакал да кажам дека се работи за една одлична екипа, многу цврста, играат со многу трчање, висок пресинг, игра со многу контакт“ – вели Ристовски на стартот на разговорот на продолжува.

Добиваш се повеќе шанса во тимот, како мислиш да ја искористиш?

„Да, добивам поголема шанса во Youth Champions League, и тоа многу ми значи. Се трудам секој тренинг и секој натпревар да покажам дека заслужувам доверба. Се трудам да ја искористам шансата и дадената доверба од тренерот со максимална посветеност, дисциплина и борбеност, затоа што сакам да му помогнам на тимот и да напредувам како играч“ – потенцира десниот бек на Звезда.

Дали мислиш дека можете да се квалификувате во главната рунда?

„Верувам дека можеме да се квалификуваме во главната рунда. Имаме квалитетен тим, добра енергија и сите веруваме еден во друг. Ако продолжиме со истиот пристап и борбеност, мислам дека имаме реални шанси да успееме. Можноста да играме против најдобрите екипи од Европа, секогаш е огромен предизвик и е дополнителен мотив кој ќе го извади најдоброто од секој член на екипата“ – самоуверен е младиот фудбалер, а потоа поентира со осврт на репрезентативниот дрес.

Има многу пофалби за твоите игри во македонската репрезентација, посебно од последните две утакмици со Црна Гора. Што значи за тебе играњето за македонската репрезентација?

„Играњето за македонската репрезентација е огромна чест и посебно чувство. Да го носам националниот дрес е нешто што ме исполнува со гордост. Секој настап, секогаш кога ќе ја слушнам химната пред натпревар, го доживувам како привилегија и одговорност, да ја претставам и да се борам за Македонија на најдобар можен начин. Пофалбите ми значат, но истовремено ме мотивираат да продолжам уште посилно и подобро“ – истакнува Ристовски.

Следната недела ве чека квалификациски турнир за У19 Европско првенство во Португалија, на кој ќе играте против Португалија, Белгија и Естонија. Кои се твоите очекувања?

„Очекувам тежок, но возбудлив турнир. Играме против силни репрезентации како Португалија и Белгија, и Естонија не е за потценување. Верувам дека ако дадеме максимум и играме со срце, можеме да направиме добар резултат. Нашата цел е да се надигруваме со сите и да покажеме дека Македонија има талентирана генерација што може да се носи со најдобрите. Каков и да биде резултатот, за мене е најбитно сите како тим да го дадеме нашиот максимум, да изгинеме на терен, и верувам дека успехот нема да не одмине“ – завршува во голем стил Ристовски, како да има стотина интервјуа во кариерата.

ПретходноФФМ со поддршка за женскиот фудбал: донација на опрема и фудбалски топки за 23 клуба
СледноОд дербито Пелистер – Вардар собрани 217.111 денари и донирани за семејството на Зоран Петковски