Шкендија – Јагиелонија 1:1 вечерва на Арената во Скопје во меч од 3.коло во Лигата на Конференции. Каква штета! Се играше 10 минута од судиското продолжение,Шкендија имаше водство од 1:0, и тогаш во таа последна секунда прими гол и не успеа да победи.
Остана без тие 400.000 евра, за реми е само 133.000 евра.
Трагедија на Арената. Шкендија заслужи да победи, беше далеку подобра од Јагиелонија, но немаше среќа кога беше најпотребно.
Тетовци поведоа со голот на Љатифи во 49.минута, имаа и шанси за 2:0, но сепак на крајот дојдоа само до бод.
Интересно, Шкендија мечот го започна доста агресивно, со висок пресинг. Како да сакаше уште во раната фаза од средбата да дојде до шанса за гол. Сепак агресивноста не вроди со плод. Инаку првата шанса на мечот, и тоа каква, ја имаше Тамба кога шутираше за малку покрај голот. Гостите од Полска вратија преку Видовик од слободен удар, но Гаје беше на место. Следуваше и опасната закана на Спахиу во 32.минута, но на пауза се замина со тие 0:0.
Некаде околу 40.минута неубави сцени на Арената. Зејнулаи потешко се повреди во пределот на главата, во пад доби удар од свој соиграч и за момент изгуби свест. Сепак по брзата реакција на лекарскиот тим, се беше во ред со него. Место Зејнулаи во игра влезе Красничи.
ГОООООЛ….ШКЕНДИЈА ВОДИ
Добрата игра Шкендија успеа да ја претвори во водство во таа 49.минута кофа Љатифи најубаво се снајде пред гостинскиот гол по центаршутот на Вебстер, и со прецизен шут со глава ја затресе мрежата на Јагиеолонија за еуфорија на Арената и водство од 1:0.
Апсолутно заслужено.
Откако виде дека неговиот тим е надигра, гостинскиот тренер во таа 54.минута се реши да направи тројна измена.
Во 65.минута Љатфи опасно се закани и тоа од слободен удар, но сега гостинскиот голман беше на своето место.
Нема што, добра Шкендија. Во овие моменти знаеше како да го сочува водството. Борбено, агресивно, квалитетно.
Едноставно така се игра во Европа.
Во 68.минута тренерот Јетон Беќири во игра ги внесе Ибраими и Ќака, на местото на Љатифи и Алхасан кој имаше и жолт картон. И со овие измени Шкендија игра добро, знае што сака. Јагиеолонија се обидува да дојде до израмнување, ама ништо од тоа.
Штета. Во 80.минута Ибраими беше во голема шанса, но сепак не успеа, гостинскиот голман ја сочува својата мрежа. Осум минути подоцна и Спахиу опасно шутираше, ама неговиот шут заврши над голот на гостите.
Во финишот гостите бараа пенал, ама ВАР одлучи дека нема ништо од тоа.
Но во таа 90+10.минута Лозано успеа да постигне гол и да го израмни резултатот.
Штета.
3.коло во Лигата на Конференции
ШКЕНДИЈА – ЈАГИЕЛОНИЈА 1:1 (0:0)
Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Михаљ Капраљи (Унгарија). Стрелци: Љатифи 49. (ШКЕ), Лозано 90+10.
ШКЕНДИЈА: Гаје, Трумчи, Фетаи, Цаке, Вебстер, Р. Рамадани, Алхасан (68.Ќака), Спахиу (90.Мурати), Зејнулаи (44. Красничи), Љатифи (68.Ибраими), Тамба (90.Мазари).
ЈАГИЕЛОНИЈА: Пиекутовски, Војтушек, Стоиновиќ, Витал, Видовик, Флах (54.Лозано), Романчук (76.Мазурек), Драхал (54.Имаз), Пиетушевски (76. Џексон), Пилулу, Прип (54.Поцо).










