По се она што се случи вчера на “Дербито на Македонија“, во кое Вардар како гостин го победи Пелистер со 1:2, утринава со реакција во врска со неколку работи, се огласи и раководството на ФК Пелистер.
Не е наше да коментираме, затоа го имате соопштението во целост:
“ФК Пелистер ја известува јавноста дека дел од столчињата и трибинскиот простор на јужната трибина, каде што се наоѓаа навивачите на Вардар на натпреварот Пелистер – Вардар на 5 ноември се оштетени и сквернавени. Заради заштита на нашиот стадион во иднина нема да дозволиме присуство на гостински навивачи на стадионот „Петар Милошевски“.
Исто така сакаме да ги апострофираме некоректните изјави на одредени медиуми и постови на социјалните мрежи на високи претставници на ФК Вардар, кои иницираат омраза и инциденти. Ако на ова го додадеме присуството на големо обезбедување на извршниот директор на Вардар, минатата година и наоружано, во свечената ложа на стадионот Петар Милошевски, одлучивме да ги прекинеме институционалните односи со ФК Вардар.
Ваквиот принцип не е наш принцип и не сакаме да бидеме дел од ваков однос и соработка. За оваа управа на ФК Вардар нема повеќе место на нашиот стадион, во нашата свечена ложа, во нашиот ВИП простор. Пелистер ќе го почитува секој оној што ќе покажи почит кон Пелистер.
Во случај на промени и поставување на соодветни лица, достојно за имиџот и традицијата на ФК Вардар, спремни сме да подадеме рака на соработка“















