В недела во рамките од новото коло од Премиер лигата се игра големото дерби помеѓу екипите на Манчестер Сити и Ливерпул. На него менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола ќе го прослави својот голем јубилеј, а тоа е 1000. меч во неговата тренерска кариера.
„Доколку можев да бирам противник за мојот 1000-ти натпревар, би го избрал Ливерпул. Тие се наши најголеми ривали во оваа земја, особено под водство на Јирген Клоп, и не можеше да биде подобро. Универзумот си ја знае својата работа. Мислам дека го туркавме Ливерпул да биде подобар и тие ни го направија истото“, рече Шпанецот, кој додаде дека многу му недостига Јирген Клоп, а потоа се осврна на битката за титулата.
„Ако Арсенал продолжи вака, без да прима голови, ќе победува и ќе биде многу тешко да се стигне. Но, очекувањето е секогаш да се подобриме, а тие да изгубат бодови. Сè што можеме да направиме е да ги добиваме нашите натпревари и да бидеме блиску. Арсенал мора да дојде на нашиот стадион. Тоа што го прават е извонредно, но сега е почетокот на ноември и никој не ја освојува титулата во тоа време.“ – изјави Гвардиола.










