ЦЕВ со историска промена: На Европско во иднина ќе се оди од Европската лига!

46
фото: CEV.eu

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на 46. Конгрес во Париз ја презентираше револуционерната промена, со која класичните квалификации за континенталните собири ќе заминат во историја, а Европската лига ќе го замени тој процес.

Првиот човек на европската одбојка, Роко Сикириќ во своето обраќање до претставниците на 55 од вкупно 56 Федерации, меѓу кои и претседателот на ОФМ, Петар Јовановски (кој е и член на Бордот на ЦЕВ) како и генералниот секретар, Филип Деспотовски, соопшти дека циклусот за пласман на ЕвроВолеј 2028 ќе се одвива преку изданијата на Европската лига 2026 и 2027 година. Од следната година Европската лига ќе биде единствена лига во која пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од двете изданија (вкупно осум), заедно со четирите земји-домаќини на првенството, шампионот од ЕП 2026 година, како и 11 селекции според ранкингот на ЦЕВ по завршувањето на Европската лига 2027.

Тоа беше еден од главните заклучоци на Конгресот, на кој беше донесена одлука за модификација на календарот во квалификациите за млади категории, беа претставени комерцијалните планови, како и „Фондот за солидарност“, а усвоени беа извештаите и за работа на претседателот на ЦЕВ, како и за активностите на ЦЕВ и финансискиот извештај за 2025, како и дефинирањето на буџетот за следната година.

Свое излагање на Конгресот имаше и поранешниот македонски репрезентативец Вук Карановиќ, кој во последните година дена ја извршува функцијата генерален директор на ЦЕВ.

Вчера, во пресрет на Конгресот на ЦЕВ, исто така во Париз беше одржан состанок на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА), на кој главна тема на разговор беше календарот за Балканските првенства следната година.

Следниот, 47. Конгрес на ЦЕВ ќе се одржи на 24 септември следната година во Милано.

ПретходноПелистер доминантно против Куманово
СледноЃоковиќ со епски-трилер до 101-та титула во кариерата