По убедливиот пораз од Арсими, Башкими сака да се врати на победничките патеки и тоа против Работнички во меч од 13-тото коло во ПМФЛ.
Во првиот дел од сезоната Башкими во Скопје триумфираше со 2:0, но традицијата е на страната на Работнички. Во досега одиграни 17 натпревари, 9 победи се за Работнички, 4 за Башкими, а 4 натпревари завршиле нерешено.
Сепак, според Адис Мурати, работите ќе се одвиваат во позитивна насока, бидејќи трите бода се императив за кумановскиот тим.
„На прв поглед, натпреварот изгледа лесен, но Работнички е најопасен кога е во криза. Ние сме мотивирани и сакаме што побрзо да го заборавиме поразот од ФК Арсими. Играме во Куманово, на нашиот стадион, што го гледам само како олеснување и дополнителен мотив, а никако како комодитет. Трите бода против Работнички се императив за да бидеме помирни во продолжението на првенството“, изјави меѓу другото Адис Мурати.















