Струга Трим Лум нема намера да застане, во Арсими „апетитите“ се големи!

33

Тимот на Струга Трим Лум има една цел, со победа да го заокружи овој сегмент од првенството и да замине на репрезентативна пауза со нови три бода. Денеска во Струга гостува составот на Арсими, а капитенот Буњамин Шабани вели дека тоа ќе биде тежок дуел и важен тест по двете последовни победи против Шкупи и Македонија ЃП. Со евентуален триумф, тимот на Струга Трим Лум денеска повторно ќе се искачи на првата позиција на табелата.

„За секој натпревар се подготвуваме максимално и со голема сериозност, без разлика на противникот. Знаеме дека во првенството нема лесни натпревари, па така и за овој меч сме подготвени добро и верувам дека ќе дадеме сè од себе за да ги освоиме трите бода.

Ние сме целосно фокусирани да прикажеме добра игра на секој натпревар и да играме убав и офанзивен фудбал. Тоа досега даде позитивни резултати, па верувам дека ќе продолжиме да постигнуваме што повеќе голови и на секој следен натпревар, вклучувајќи го и денешниот против Арсими“, изјави капитенот Буњамин Шабани.

По победата во дуелот против Башкими, фудбалерите на Арсими во меч од 13. коло во ПМФЛ ги очекува гостување во Струга.

Еден од најистакнатите играчи на последниот меч, Албин Рамадани, е задоволен од настапот на тимот и од колективниот дух кој го покажаа на теренот.

“Одигравме многу добар натпревар. Почнавме со висок интензитет и ја контролиравме играта до крај. Сакам да им честитам на сите момци за посветеноста и тимскиот дух кој го покажавме.

На денешниот натпревар за противник го имаме фаворитот Струга и тоа ќе биде сериозен тест за нас, но сме мотивирани и максимално подготвени. Имаме почит кон противникот, но веруваме во нашите квалитети и ќе излеземе на терен со цел да стигнеме до позитивен резултат против Струга”.

Арсими ќе се обиде да ја продолжи позитивната серија и да докаже дека добрата форма во последните недели не е случајна. Почетокот на натпреварот е закажан за 13 часот.

ПретходноЧудо од Косово ја воодушеви Европа: Звонимир Бобан сака да го донесе во Динамо!
СледноЃоковиќ против Италијанецот за 101-та титула во кариерата