Триумф на Башкими, Работнички тоне ли тоне

97

Башкими го победи Работнички со 2-1 во натпреварот од 13.коло во Првата фудбалска лига. По еден погодок во двете полувремиња беше доволен за кумановци да стигнат до трите бода и сега имаат вкупно 22 бода на своето салдо, што во моментот им го носи и петтото место на табелата.

Стрелци за Башкими беа Абдулхади Јахја во 41.минута и Емануел Аворнио во 63.минута. Погодокот за Работнички беше дело на Дитмир Хоџа во 87.минута од дуелот. Првата закана ја имаше Арменд Алими со удар од далечина, но не беше прецизен. Во 18.минута Башкими ја имаше првата колосална можност за водство. По нафрлувањето од левата страна, Симоновски одлично ја прими топката на гради, упати удар, но голманот на Работнички, Петар Јакимов, спаси сигурен гол со својата интервенција. Шест минути подоцна, Јахја нафрли од десната страна, Симоновски шутираше со глава, но за малку крај дирекот.

Демир Имери упати удар од далечина во 38.минута, но не беше прецизен. Пред крајот на првото полувреме, дојде и водството на Башкими. Абдулхади Јахја умешно се снајде во шеснаесетникот на гостите и од 12 метри погоди во небранетиот дел од голот на Работнички. Во второто полувреме, многу борба на тешкиот терен, а Башкими повторно искористи уште една можност и ја удвои предноста.

Емануел Аворнио со удар со глава во 63.минута погоди на вистинското место. Работнички се обиде со неколку замени да се врати во игра, а Дитмир Хоџа во 87.минута, на асистенција на Кристоџеј Далеј, намали на 2-1, што беше и конечен епилог на мечот.

ПретходноСтруга силна против Арсими
СледноТриумф на Беласица среде Штип