Денешска продолжува ПМФЛ шампионатот, во кој на Арената „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 13 часот, тимот на Вардар ќе го пречека Тиквеш.
Класичен прволигашки двобој во кој едниот тим се бори и натаму да го има статусот на лидер на табелата, додека пак другиот да фати позитивен чекор со кој што ќе излезе од опасната зона.
Вардар во овој дуел влегува по гостувањето во Битола, и победата над Пелистер. Струга ТЛ вчера обезбеди нов триумф па сега Вардар треба да го стори истото за во репрезентативната пауза да влезе како првопласиран.
„Нашата серија на мечеви без пораз е сеуште активна. Тоа не смее никој да го заборави. Вардар нема пораз, и според мене така и ќе остане. Нашата цел се знае. Победа на секој меч, освојување бодови, и нормално, лидерска позиција. Тоа е Вардар. Респект за Тиквеш, тимот каде што настапував пред да пристигнам во Вардар. Тоа не е тим кој што треба да е на самото дно на табелата има далеку повеќе квалитет, но сепак, според мене тоа нема премногу да ги промени нештата денеска на Арената. Вардар оди на победа како и секогаш“, изјави Михаил Маневски.















