Денеска ќе биде комплетирано 11. коло во Супер-лигата, а на програмата е пресметката меѓу двата тима кои немаат пораз од стартот на сезоната. Вардар 1961 е домаќин на Алкалоид (18:30 часот) во СЦ „Јане Сандански“ во дербито на колото.
„Црвено-црните“ имаат десет победи во исто толку одиграни натпревари и се лидери на табелата, додека пак на другата страна тимот од Автокоманда има осум победи и две ремија, против Пелистер и ГРК Охрид.
На дербито дополнителна тежина им даваат двајцата тренери. На едната страна е Иван Чупиќ, кој седна на клупата на најтрофејниот колектив на стартот на сезоната, додека пак Алкалоид е предводен од еден од најдобрите ракометари на сите времиња, европски и светски рекордер, Кирил Лазаров.
Искуството е на страната на Вардар 1961, кој има ростер составен од бројни странци, додека пак Алкалоид е составен од македонски играчи и само двајца странци, на оваа средба нема да може да смета на услугите на Урош Борзаш, но во составот ќе го има Марко Митев, кој после долго време се врати на терените.
Последната средба меѓу овие два тима заврши без победник (26-26). На Алкалоид не му се непознати победите против Вардар 1961, секогаш гласи за незгоден противник иако има млад состав.
Покрај оваа средба, вечерва ќе има уште едно дерби, Тиквеш на домашен терен го пречекува Бутел Скопје, дуелот стартува во 20 часот.










