Откако претходно своето заминување од директорската позиција го објави Александар Бајевски, истото го направи и досегашниот шеф на стручниот штаб на Македонија ЃП, Бобан Грнчаров. И тој ја информираше јавноста дека повеќе не е тренер на прволигашот од Ѓорче Петров.
„Би сакал да ја информирам македонската јавност дека од денеска не сум веќе шеф на стручниот штаб на Македонија Ѓорче Петров. Од клубот се разделувам со тага и жал, но и горд со сѐ што сторив во овие година и пол, заедно со фудбалерите, тренерите од стручниот штаб и директорот Александар Бајевски.
Откако дојдоа новите газди, се појавија ненадминливи разлики околу концептот на водење на клубот, особено по нивната одлука утрешниот меч со Шкендија да го играме со младинци. Сакајќи да си го оставам образот чист, решив веднаш да се повлечам. Резултатите кои ги оставам зад мене доволно говорат за мојата работа во Македонија ЃП.
Ланската сезона триумфално минавме низ Втората лига и експресно се вративме во елитата, а годинава успеавме да го стабилизираме клубот во средината на табелата со шанси да се вмешаме во борба за некои од погорните места. На новите газди и на мојот наследник му посакувам среќа и успех во работата што им претстои“, напиша Грнчаров.















