Вардар 1961 продолжува во брз ритам. Исто како Алкалоид после вчерашното дерби во Супер-лигата нема време за одмор. Практично „црвено-црните“ од сала се качија во авион, му гостуваат на Кристијанштат. Овој меч е закажан за утре со почеток во 18:45 часот.
Избраниците на Иван Чупиќ имаат за задача да стават печат на пласманот во Главната рунда во ова натпреварување. После победите над Тулуз на гости и над Сесвете во Скопје, македонскиот тим е на првото место на табелата, зад него е токму шведскиот тим кој има победа и пораз.
Шансите за нова победа за „црвено-црните“ се големи, бидејќи имаат широк ростер и според играта може да се каже слободно дека веќе одлично функционираат и создаваат целина која ветува многу.
Натпреварот ќе се игра утре во Кристијанштат Арена, а ќе ја судат Австријци – Радојко Бркиќ и Андреј Јусуфхоџиќ.










