Силекс vs Шкупи, два тима кои атакуваат на трите бода!

88

После поразот од Вардар и ремито против АП Брера, екипата на Силекс е фокусирана максимално кон трите бода од дуелот со последнопласираниот тим на Шкупи. И покрај тоа што важи за голем фаворит, најавите од кратовскиот тим се дека ќе нема опуштање, и дека екипата ќе игра како против секој противник со надеж дека ќе ги освои трите бода.

Мартин Мирчевски, голгетерот на Силекс се надева дека екипата после два натпревари ќе се врати на победничките патеки, и ќе почне една долга серија пред финишот на есенската полусезона.

„Го респектираме Шкупи, но очекувањата се дека ќе го добиеме натпреварот, со оглед на тоа во каква ситуација е нашиот противник. Но, не треба да се опуштиме дека предвреме е завршено. Треба секој играч да го даде максимумот и да одиграме како што го играме секој натпревар. Добро ќе биде да освоиме три бода, за да ја подигнеме атмосферата, и да фатиме победнички ритам после два натпревари без победа“, рече Мартин Мирчевски.

Шкупи имаше лош старт на сезоната и се наоѓа во незавидна позиција на дното на табелата од ПМФЛ, но пред две кола успеаја да го освојат првиот бод по нерешениот резултат со Работнички.

Во продолжението на сезоната, екипата ќе има нов тренер, Минас Османи, кој потенцира дека тимот не патува во Кратово само за да учествува, туку целта е да се освојат бодови.

“Знаеме дека се наоѓаме во тешка ситуација и дека ни се потребни позитивни резултати, но она што ме радува е фактот дека атмосферата во клубот и во тимот е многу добра. Имам на располагање група на млади фудбалери кои носат енергија и позитивен дух, што е многу важно за нас како екипа. Иако официјално сум прв тренер само една недела, јас цело време сум бил покрај тимот, добро ја познавам екипата, секој играч и начинот на кој функционираме како група. Цврсто верувам дека со работа и посветеност ќе успееме да излеземе од оваа ситуација. Против Силекс не одиме само да учествуваме – одиме во Кратово да освоиме бодови. За нас секој натпревар е како финале. Работевме максимално во текот на неделата и сериозно се подготвивме за овој натпревар. Нашата цел е јасна – да ги освоиме трите бода и да си дадеме на себе и на нашите навивачи причина да веруваат уште повеќе во оваа екипа”, изјави Минас Османи, главниот тренер на ФК Шкупи.

Натпреварот се игра денеска со почеток во 13 часот.

ПретходноРаул се присети на деновите во Вардар и голот на Чупиќ: Не можете ни да замислите, кога влезе..
СледноПочина НБА легендата Лени Вилкинс