Почеток, официјален на подготовките кои ќе имаат карактер на „мини“, со оглед на малиот број на работни денови во пресрет на првиот дуел од квалификациите, оној на 12. ноември (среда), против репрезентацијата на Данска, кој ќе го играме во салата на СРЦ „Кале“ (со почеток од 17.часот).
На првиот собир, вечерва во „Кале“, селекторот Александар Ашаданов и стручниот штаб, дочека 12. од планираните 14. кошаркарки.
Доцното завршување на клупските обврски во Италија услови првиот тренинг да го „прескокнат“ Матеа Николиќ и Тијана Митрева, кои ќе се приклучат на утрешниот утрински тренинг.
Освен тоа, поради повреда и приватни обврски, овој циклус селекторот не може да смета на најискусните, двоецот од екипата на Баскет кам, Ивана Кметовска и Цветанка Димова.
Во овој квалификациски циклус, нашите најдобри кошаркарки ќе бидет дел од групата „Ф“, во која се уште и репрезентациите на Данска, Грција и Хрватска.
За разлика од претходните квалификации, ќе се игра по малку изменет систем, предвидува два квалификациски „прозорци“, ноемвриски и февруарски. По одигрувањето на шестте натпревари во групната фаза, последнопласираните селекции од групите, ќе го завршат своето натпреварување. Останатите ќе играат во втората фаза од квалификациите за места на Евробаскетот во 2027 година.
Селекторот Александар Ашаданов е свесен за следните репрезентативни предизвици, и почетокот на новиот циклус:
„Почеток на нови возбудливи квалификации, овој пат со мали измени односно во еден квалификациски „прозорец“ следуваат по три натпревара. Не очекуваат доста тешки натпревари со екипите на Данска, Грција и Хрватска.
Но да одиме чекор по чекор…
Најпрво, следува натпревар во среда, со репрезентацијата на Данска на домашен терен. Играме против репрезентација која играше доста добро во претходните квалификации. Но нашата примарна цел е овој циклус да го отвориме со победа.
Дел од “костурот“ на нашата екипа е задржан, надополнет со неколку млади играчи, и тој спој на младост и искуство очекуваме да ни даде поволен резултат на премиерата од новиот кваллфикациски циклус“ – вели Ашаданов пред почетокот на новата квалификациска сесија.










