Ракометарите на Вардар го претрпеа првиот пораз во натпреварите од ЕХФ Европската лига, откако вечерва на гостувањето во Шведска беа поразени во последните секунди од мечот од екипата на Кристијанштад со 32:31.
Шведскиот состав практично имаше предност во текот на целиот натпревар. Кристијанштад тргна со водство од 1:0, па следуваше минимален пресврт и предност за Вардар од 1:2 и 2:3. Тоа беше се што Вардар успеа да направи во позитива во првиот дел. До полувремето предводени од одличниот Ал-Хафаџи на голот, домашните успеваа да одржат разлика од 1 до 3 гола, а со таква предност и заминаа на пауза – 14:11.
За Вардар и второто полувреме не тргна како што очекуваше. Кристијанштад успеваше да ја одржи разликата од неколку гола се до 37. минута кога со погодокот на Малус, Вардар дојде до израмнување на 16:16. Радоста кратко траеше, бидејќи упорните домашни ракометари повторно се вратија на плус 2 (18:16 и 21:19).
Вардар бо повеќе наврати успеваше да се приближи и да ги искористи одличните интервенции на голманот Валах, па во последните три минути од мечот се влезе во комплетен егал. Хориха израмни на 29:29 и Вардар доби напад за водство. Истиот ракометар беше прецизен и „вардарци“ стигнаа во прво водство во вториот дел од 29:30.
По неколку промени на една минута до крајот Вардар доби напад за победа (31:31), но иако одлично го организираше нападот со чиста топка на крило, Ќосевски не успеа да погоди, по што домашните добија последен напад за триумф, кој Мансон успеа да го реализира за конечни 32:31.
Хориха со 8 гола беше најефикасен кај „црвено-црните“. По 6 гола постигнаа Малус и Боно, додека голманот Валах мечот го заврши со 18 успешни интервенции. Кај Кристијанштад Мансон постигна 13 гола, меѓу кои и оној решавачкиот за победа на домашните.
Во вториот меч од оваа група, хрватски Сесвете успеа да слави против Тулуз со 32:31.










