Кошаркарите на Пелистер немаа сили за изненадување на гостувањето во Словачка во мечот со Приевидза во 5. коло од ФИБА Европа Купот. Битолчани го претрпеа третиот пораз во низа, четврти во групната фаза од ова натпреварување, откако вечерва беа поразени со 97:82.
Словачкиот тим вечерва не остави ништо на случајноста и од првата минута ги зеде конците во своите раце. 10-те поени предност кои домашниот тим ги направи во првите 10 минути од натпреварот, понатаму се покажаа и како клучни за расплетот на средбата. Пелистер одигра за нијанса подобро во вториот дел, но и таму не најде вистинска шанса за приближување до водството на домашниот состав.
Ноа Рејнолдс со 23 поени и Андерсон Толберт со 17 беа носители во играта на Приевидза и вечерва. Кај екипата на Пелистер со 19 поени најефикасен беше Кевин Брејси-Дејвис, додека Дамјан Крстевски средбата ја заврши со 16 постигнати поени.










