Деби сет во Норвешка: Штип УГД на домашен терен ќе брка пласман во 2. коло на Челинџ Купот

0

Штип УГД се враќа со првиот освоен европски сет од гостувањето во Осло против екипата на Кол Ил. Иако, реално, на овој меч штипјани слободно можеа да дојдат и до два освоени сета, и овој еден со кој се враќаат од овој прв натпревар во ЦЕВ Челинџ Купот, може да биде доволен за следната рунда, но за тоа ќе биде потребна максимална победа на домашен терен.

КОЛ ИЛ – ШТИП УГД   3:1 (35-33, 22-25, 25-18, 25-23)

Вечерва избраниците на тренерот Кристиан Ристески одлично го почнаа мечот во Осло, но неискуството, а се чини и преголемата желба за успех не им дозволи да го отворат мечот со освојување на стартниот сет. Штип УГД одигра извонредно скоро 80% од првиот сет, влезе во финишот со фантастична предност од 8 поени (13:21), но на крајот не успеа да освои ниту една од сет-топките кои ги доби, па по голема борба сетот им припадна на Норвешаните на разлика со 35:33.

Сепак, поправка на грешката од првиот сет стигна во вториот. По голема борба нашиот претставник успеа да го добие вториот сет со 22:25 и да израмни на 1:1. Од овој момент, па се до крајот на мечот, Штип УГД не успеа да најде начин како да продолжи со добрата серија.

Тимот падна во темпото, Кол Ил успеа тоа да го искористи и следните два сета да ги освои прилично лесно. Третиот сет им припадна на домашните со 25:28, а во четвртиот славеа со 25:23, но имаа константна предност.

Задмард со 20 поени беше најдобар реализатор во составот на Штип УГД, каде Бразилецот Оливеира Жуниор имаше 18, а Стојан Илиев 14 реализирани поени.

Реваншот ќе се одигра следната недела во салата „25 Мај“ во Радовиш, а Штипјани за пласман во следната фаза ќе мора да одат на максимална победа.

ПретходноФИБА Евро куп: Пелистер го претрпе третиот пораз во серија