Македонската фудбалска репрезентација утре со почеток од 18:00 часот на Арената Тодор Проески во Скопје, ќе го одигра пријателскиот дуел против селекцијата на Летонија.
Ова ќе биде претпоследната активност на нашиот национален тим во овој циклус, пред оној последниот мундијалски предизвик на гости против Велс на 18 ноември.
Овој дуел кој што е во рамките на оние десет „обавезателни“ термини од УЕФА, треба да е генерална проба за гостувањето во Велс. Секако можност да се испробаат и тактички варијанти и да се даде шанса на оние репрезентативци кои нестрпливо истата ја чекаат.
„Ќе имаме појасна слика околу здравствениот билтен по денешниот тренинг. Едно е јасно дека Јани Атанасов и Висар Муслиу нема да се во комбинација. Искрено се надевам дека на оваа тема нема да имаме поголеми проблеми.
Нема што да се калкулира или штеди. Имаме пет дена простор помеѓу двата меча. Кога игра Македонија нема простор за штедење. Сите што ќе се стават на располагање за овој меч ќе треба да дадат максимум. Секако дека ќе имаме простор за испробување на варијанти, и да видиме на кое ниво сме на физички план. Кој колку е подготвен. Победа секогаш носи нов елан, и уште поголема сатисфакција за следниот меч. План нормално се има, но јас ја гледам пошироката слика. Како Македонија треба да изгледа во суштина, а не само на овој меч. Можеби звучи како излитена фраза, но да, секој следен меч е најважен“ – изјави селекторот на Македонија, Благоја Милевски на денешната официјална прес конференција по повод утрешниот меч против Летонија.










