Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска ја започнува битката против Данска во првата фаза од квалификациите за Европското првенство 2027 година. Во екипата се приклучија Матеа Николиќ и Тијана Митрева, а добра вест дека е селекторот Ашаданов на расплагање ќе ја има Ивана Кметовска.
Дуелите на кои несомнено, не само стручниот штаб, туку и комплетната македонска кошаркарска јавност ќе очекува(ат) многу од Анџелика Митрашиновиќ.
„Нормално е дека ние одиме со очекувања за победи на секој меч, секогаш оптимизмот ни е на највисоко ниво, така треба и да биде кај секој спортист. Ќе бидам реална за следните мечеви. За Гркинките знам дека се високо рангирани и против нив ќе биде доста тешко, додека со Данска очекуваме еден добар меч во кој ќе напаѓаме триумф“- вели капитенот на нашата женска сениоска репрезентација пред првиот меч во квалификациите.

Додава дека секоја победа носи со себе и многу поголема доза на самодоверба, и тоа како потребна во период, доста кратко, во кој нашиот тим ќе одигра дури три натпревари. Покрај овој во среда попладне, со Данска, не очекуваат и оние со Грција и со Хрватска.
„Ако оствариме една победа, самодовербата ќе ни биде повисока за понатаму и ќе очекуваме повеќе од себе и од целината како тим во иднина. Сметам дека можеме да ја победиме Данска затоа што нивната најдобра кошаркарка во моментов е бремена, и нема да биде дел од тимот од овој “прозорец“. И нас ни фалат искусни играчи. Доста сме подмладени, но ако ги споиме младоста и искуството, ако донесеме една добра енергија, може да профитираме од тоа и да извадиме добар резултат на тој натпревар“– дополнува Митрашиновиќ.
Дуелот со Данска е закажан со почеток во 17 часот, додека против репрезентацијата на Грција пак ќе се игра на 15. ноември (од 18.часот), исто така во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.










