Тренерот на Пелистер, Рубен Гарабаја и неговите момци покажаа дека можат да се носат со големите тимови во Лигата на шампиони. Во салата „Боро Чурлевски“ во Битола се славеше втората победа на актуелниот македонски првак во најсилното европско клупско натпреварување, падна Пик Сегед (25-24).
Предводникот на битолчани го анализираше дуелот, тој потенцира дека секој играч си ја сфатил својата улога во тимот, и секој сфатил дека е важен дел.
„Го започнавме мечот со неверојатна одбрана, мислам дека ПИК Сегед го сфати тоа и почна да игра седум на шест. Имавме неверојатен голман во првиот дел, но со таа игра седум на шест противникот дојде до лесни шутеви и ни направи проблем. Во вториот дел се боревме и ние и тие, плус еден за нас, плус еден за нив, но на крајот ние победивме како тим. Секој играч си ја сфати својата улога и сите разбраа дека се важни во овој меч. Кога сите работи функционираат и ние сме како тим, може да го победиме секого. Мора да бидеме перфектни, да ни биде јасно, дека со план како во првиот дел, кога сите сме внатре, планот работи. Сегед можеби имаше проблеми пред овој меч, ама ова беше многу важна победа за нас“, изјави шпанскиот стратег.










