Ѓоковиќ го коментираше случајот со Синер и неговата казна: Еднаш кога ќе се случи такво нешто…

39

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ опширно зборуваше за допинг-скандалот на Јаник Синер од почетокот на оваа година. Италијанецот беше суспендиран на три месеци откако беше тестиран позитивно на забранетата супстанца клостебол.

„Тој допинг случај е облак кој ќе го следи до крајот на неговата кариера, исто како што мене ме следеше облакот околу ковидот. Кога еднаш ќе се случи такво нешто… со време ќе избледи, но никогаш целосно нема да исчезне. Секогаш ќе има групи луѓе кои ќе го потсетуваат на тоа,“ изјави Ѓоковиќ.

Новак откри дека Синера го познава многу одамна.

„Го знам Јаник уште од кога имаше 13–14 години. Првиот тренер што работеше со него во тие клучни години беше воедно и мој тренер – Рикардо Пјати. Многу тренирав во неговата академија во Италија и често вежбав со Синер додека беше јуниор. Беше како јас – висок, слаб, израснат на скии, во планински предели… Многу слична приказна,“ вели Ѓоковиќ.

Кога слушнал што се случило, бил – како што вели – во шок.

„Кога се случи тоа, навистина не можев да поверувам. Искрено мислам дека не го направи тоа намерно, но начинот на кој целиот случај беше спроведен има многу ‘црвени знамиња’. Недостаток на транспарентност, недоследности, темпирање на казната помеѓу грен-слем турнирите за да не ги пропушти… беше многу чудно. Навистина не ми се допадна како беше воден случајот, а слушнавме дека и други тенисери, машки и женски, имале слични искуства,“ истакна Новак.

И покрај тоа што повторно нагласи дека верува во невиноста на Синер, Ѓоковиќ смета дека Италијанецот мора да сноси одговорност.

„Сакам да верувам дека тоа не го направил намерно, но сепак е одговорен. Такви се правилата. Кога видите дека некој друг за слична ситуација добива казна од неколку години, а тој само три месеци, тоа не е во ред. Очигледно му е тешко, имам емпатија кон него, но мора да се каже дека неправдата постои. Сепак, се справува извонредно, зрело и трпеливо. Секоја му чест – не е лесно. Среде сето тоа, тој доминира, игра неверојатно и освојува слемови,“ заклучи Ѓоковиќ.

Претходно„Нашиот дом е тешко освоив за сите ривали, а тоа ќе го докажеме против Пик Сегед“
СледноМилевски: Без Атанасов и Муслиу, но сепак, како и секогаш Македонија оди на победа