Нашата најдобра фудбалска репрезентација вечерва од 18 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, ќе одигра контролен меч против селекцијата на Летонија. Репрезентација која ќе биде идеален противник за “загревање“ за она вистинското, за решавачкиот дуел во Кардиф против Велс на 18 ноември, за второто место во квалификациската група Ј за пласман на СП 2026.
Велиме идеален зошто досега имаме со Летонците “пет од пет“, репрезентација против која нашиот селектор Благоја Милевски ќе може да испроба повеќе варијанти, да ја види моменталната форма на своите избраници и да им даде шанса на оние репрезентативци кои досега немаа којзнае каква минутажа во последно време во дресот на нашата репрезентација.
Ќе мораме без повредени Јани Атанасов и Висар Муслиу, но секако дека ќе се оди на победа, тука нема дилеми. Дали е пријателска или квалификациска, кога се игра за Македонија на секој меч овие наши репрезентативци, кои досега ни донеле толку радости, ќе одат на победа.
Убаво ќе биде во победничка атмосфера да патуваме за Кардиф на последниот меч од групата кај Велс.
Селекторот Милевски вчера на пресот истакна дека нема штедење, дека и на овој меч ќе се оди на победа. Нема да има некои посебни калкулации ако се знае дека до мечот во Кардиф ќе има уште пет дена, па така вечерва Македонија планира да го даде својот максимум.
Познато е дека ФФМ за овој последен меч во 2025 година на свој терен, направи потег за респект. Влезот е бесплатен со цел нашите момци од трибините да ја добијат потребната поддршка, како што беше и досега.
Напред Македонија.










