Алкараз е реален: Не сум ниту одблиску до Ѓоковиќ, Надал и Федерер

33
ФОТО: US Open/FB

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз вели дека ќе мора да направи многу повеќе за да биде на исто ниво со великаните на „белиот спорт“.

Алкараз, и покрај тоа што има само 22 години, освои шест трофеи од Гренд слем во својата кариера, вкупно 24 АТП титули. Многумина веќе го споредуваат со членовите на „големата тројка“, но тој останува приземјен.

„Не, сè уште не сум ни блиску. Имаше неверојатни играчи, легенди. На врвот на листата се Роџер Федерер, Рафа Надал и Новак Ѓоковиќ. Би сакал да бидеме на иста маса, тоа е вистина, тоа е мотивацијата што ја имам и тоа ми помага во кариерата, но сè уште не сум ни блиску“, изјави Алкараз за „Мундо Депортиво“.

Алкараз моментално е во Торино каде напаѓа за титулата на завршниот турнир, а потоа ја завршува сезоната во Болоња, во Дејвис купот.

Првата цел во следната сезона е Отвореното првенство на Австралија, единствениот Гренд слем што му недостасува.

„Отвореното првенство на Австралија е секогаш мојата цел кога се подготвувам во предсезоната. Би дал сè за да го освојам“, истакнува Карлитос.

ПретходноОлимписка атлетичарка закопана во лавина: Го снимила моментот кога била спасена (ВИДЕО)
СледноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: СУПЕР МИЛИОНЕР во Скопје, освоени 6.352.014 денари