Одбојкарите на Штип УГД се вратија дома по првиот европски натпревар во историјата на клубот. На гостувањето во Норвешка против екипата на Кол Ил, штипјани беа поразени со 3:1, но оној еден освоен сет остава сериозно отворена врата на реваншот во Радовиш следната недела да се бара и пласман во 2. коло од ЦЕВ Челинџ Купот.
Оптимистички расположен беше и тренерот Кристиан Ристески, кој веќе почна да прави анализи на првиот меч и да ја подготвува стратегијата за реваншот на домашен терен.
„Јас и пред заминување реков дека шансите за пласман во следното коло се 50-50%. Тоа се потврди и со играта на првата средба. Домашните беа многу мотивирани, имаат искусна екипа и ја искористија шансата на домашен терен да дојдат до побед,а иако немаше да биде незаслужено ние да освоиме и два сета. Особено оној првиот во кој имавме голема предност. Но сепак, неискуството го стори своето, но јас сум задоволен од начинот на кој одиграа моите играчи. На реваншот ќе вчеземе со студени глави и ќе одиме на победа, без разлика дали ќе биде од 3:0 или 3:1. И двата резултати ќе донесат т.н. Златен сет кој ќе одлучува. Важно е да победиме и за нас и за публиката и нашите навивачи“, вели Ристески.
Реванш натпреварот штипјани ќе го одиграат во салата „25 Мај“ во Радовиш во среда од 19 часот.










