Македонската фудбалска репрезентација до 21. година загуби во еден од клучните мечеви во тековната квалификациска кампања. На домашен терен од Шведска, и тоа со високи и убедливи 1:4.
Иако се надевавме на резултатска и играчка рехабилитација по поразот во Црна Гора, во Битола пред два дена повторно не удри ладен туш.
Швеѓаните одиграа одличен меч, за разлика од нас. Ние повторно ги покажавме сите аномалии кои ги имаме во играта, а кои се очигледно пресудни за нашиот неуспех.
Спорадичните периоди на добра игра во која доминираме на противничката половина, и во кои создаваме шанси, се ретки, и не можат да преовладаат во глобалната слика. Која што вели дека многу лесно проимаме голови, од почетнички грешки, што на У21 генерација и не смее да и се случува. Сепак, ова се веќе играчи кои конкурираат дури и за А репрезентацијата.
Три освоени бода кои ги имаме по пет одиграни мечеви, не само што се премалку, туку се и проблематични. Во моментов сме претпоследни на табелата. Ни следува дуелот со Полска, лидерот на табелата на 18 ноември исто така во Битола. Одиграме ли таму како до сега, ќе имаме голем проблем, или со други зборови оваа кампања и дефинитивно ќе треба да ја прогласиме за готова. Барем што се однесува до нашите амбиции да направиме некаков добар резултат.










