Секако дека не сакаме да бидеме несериозни. Уште помалку да се гледа на нас како да веруваме во “научна фантастика“.Сепак треба да се види табелата, да се види кој со кого игра до крајот на квалификациите за пласман на СП 2026, секако да се погледне моменталната табела пред денешните натпревари и да се заклучи дека според некои математики Македонија би можела да заврши како прва во групата Ј и со тоа да обезбеди директен пласман на Мундијалот.
Се разбира за тоа треба да се случи ЧУДО.
А што треба да се случи за да се оствари тоа?
Како прво да кажеме дека денеска играат Казахстан – Белгија (15 ч) и Лихтенштајн – Велс (18 ч), за нас и двата меча кои се од голема важност.
Па, како прво Белгија на последните два меча, со Казахстан на гости и со Лихтенштајн дома, да освои само еден бод. Пример денеска во Казахстан да биде поразена а во вторник дома да одигра нерешено со Лихтенштајн, па така на крајот би имала 15 бода. Во тој случај Македонија со победа во Кардиф би завршила со 16 бодови и директно би се изборила за пласман на СП, а не да се “малтретира“ преку бараж.
Интересно, ако Белгија освои само еден бод, тогаш и Велс има шанси да заврши како прв, му треба победа со Лихтенштајн на гости и победа со Македонија дома.
Сепак, ајде да се вратиме во реалноста, ако се знае дека Белгија е премногу сериозна репрезентација, без разлика што нема да играат Лукаку и Де Брујне, за да си дозволи два кикса. Просто невозможно.
Токму затоа битката за нас во Кардиф на крајот е да завршиме како втори. А до тоа место да дојдеме ќе треба да се случи ова.
Без разлика што Велс ќе направи денеска со Лихтенштајн, ние да победиме во Кардиф и сме дефинитивно втори. Можеме и со реми кај Велс да завршиме како втори во групата, но за тоа треба прво оваа селекција не смее да го победи Лихтенштајн денеска со повеќе од пет голови рзлика.
Тоа се математиките. Најважно е што Македонија ќе игра бараж за СП, дали преку Лига Нации или преку квалификациите, ќе видиме во вторник после натпреварот во Кардиф. Инаку во среда ќе се знаат која селекција во кој шешир ќе биде, а ждрепката за баражот ќе се одржи во четврток на 20 ноември.
КОЈ СО КОГО ДО КРАЈОТ
САБОТА:
Казахстан – Белгија (15 ч)
Лихтенштајн – Велс (18 ч)
ВТОРНИК:
Велс – Македонија (20:45 ч)
Белгија – Лихтенштајн (20:45)
ТАБЕЛА
1.БЕЛГИЈА 14 (+15)
2.МАКЕДОНИЈА 13 (+9)
3.ВЕЛС 10 (+3)










