Чупиќ: Свесен сум каде дојдов – Вардар мора секогаш да победува!

39

Вардар 1961 продолжува со мечевите во Европската Лига, утре на домашен терен го пречекува тимот на Кристијанштад, противник од кого беше поразен минимално на гостински терен (32-31). Македонскиот тим пред овој дуел е втор на табелата, додека шведскиот состав е лидер.

„Нè очекува реваншот со Кристијанштад, откако загубивме таму со еден гол разлика. По пораз се преиспитувате и анализирате, имавме добри тренинзи иако немавме доволно време поради натпреварите. Одиме на победа пред нашата публика во „Јане Сандански“. Секогаш мора да важиме за фаворит, ги повикувам навивачите да направат вистинска атмосфера и со победа да се избориме за првата позиција. Пред се, мислам дека нападот со игра „шест на шест“ беше добар, но имавме доста технички грешки во транзиција и со трчањето. Сите скандинавски екипи како и Кристијанштад, прават резултат на грешките на противникот. Една од главните работи кои ги договаравме е поголема дисциплина во трчањето, бидејќи тука мора да се подобриме најмногу за добар резултат. Се посветивме повеќе на тоа и мислам дека тоа може да ни помогне“, изјави Иван Чупиќ на денешната прес-конференција. 

Поразот од Кристијанштад беше прв за Вардар 1961 оваа сезона. Тој е свесен дека од него се очекуваат само победи, се надева дека од меч во меч ќе биде многу подобри.

„Оваа група е израмнета, Сесвете забележа добри резултати и има свој квалитет, па сигурно нема да се предаде. Можеби сега делува дека Тулуз е во загубена ситуација, меѓутоа ништо нема да се знае до последното коло. Ние гледаме тоа што е до нас, да победиме уште еднаш на домашен терен и да се вратиме на врвот. Потоа чекор по чекор да одиме на последните два меча. Од Кристијанштад загубивме по долга серија без пораз, а сега сакаме да се вратиме. Секогаш калкулираме и за иднината, ама во оваа фаза на натпреварувањето никој не може ништо да гарантира. Мора да играме, да напредуваме и да се поправиме. По зимските подготовки очекувам дека Вардар ќе биде најдобар што може да биде од февруари до јуни, а за што тоа ќе биде доволно – ќе видиме. Свесен сум каде дојдов, а Вардар мора секогаш да победува. Ова е тим во кој дури и ако имаме само шест подготвени играчи мора да оди на триумф“, изјави Чупиќ. 

ПретходноМартин Томовски повторно е во дрим-тимот во Бундес-лига 2
СледноМакедонија ја чека „пекол“, стадионот во Кардиф е распродаден