Со скоро комплетен ростер и голем ентузијазам ракометарите на Пелистер го подготвуваат вториот натпревар со унгарскиот гигант ПИК Сегед во само седум дена. Пред патот за Унгарија, дефанзивецот на актуелниот македонски првак Илија Абутовиќ потенцира дека ги чека уште потешка задача, но нема одат со бело знаме.
„Може да кажеме дека ја креваме формата и се радуваме што скоро целиот ростер сега е комплетен. Ја забележавме можеби досега најголемата победа во елитното натпреварување. Секој играч е важен за нас и знаеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Играме со ПИК Сегед двапати во седум дена, но сега ќе биде потешко затоа што играме на гости, а и тие очекувам да имаат многу посериозен пристап кон нас. Ги изненадивме во Битола и сигурно нема да одиме кај нив со бело знаме.
Периодот на адаптација е готов, со новиот тренер добивме нова филозофија, ги сфативме сите комбинации и направивме добра анализа на сработеното. Чекориме во нагорна линија, затоа се надевам дека ќе играме подобро и подобро. Во следните триесет дена имаме многу важни натпревари“, изјави Абутовиќ.
Дуелот меѓу Пик Сегед и Пелистер се игра во четврток со почеток во 18:45 часот.










