Македонија посилна за Нејт Сестина и Омари Мур во сениорскиот тим

5
ФОТО: mkd.basketball

Машката сениорска репрезентација на Македонија во новиот циклус од претквалификциите за пласман на Евробаскетот во 2029 година, ќе биде дополнително засилена.

Во изминатиот период, веднаш по завршувањето на натпреварите од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027, раководството на нашата федерација успешно ја реализираше идејата, нашиот сениорски тим да добие дополнителни играчки засилувања.

Пред се, на оние позиции за кои стручниот штаб, предводен од селекторот Марјан Илиевски, процени дека треба да бидат дополнети со нови играчи.

Од денеска, и официјално, нови македонски репрезентативци се Нејт Сестина и Омари Мур.

Играчи од врвна класа, особено ако се знае дека се дел од најсилното европско клупско натпреварување – Евролигата.

НЕЈТ СЕСТИНА

Нејтан Мајкл Сестина, како што гласи неговото полно име, е роден на 12. мај, 1997 година, во Сент Мери во Пенсилванија.

Почетоците, оние кошаркарските, ги има во Камерон Каунти Хајл Скул во родниот град, додека својата колеџ кариера ја почнал на колеџот Бакнел (2015-2019), пред да заигра за еден од најдобрите универзитетски тимови во САД, Универзитетот Кентаки Вајлдкетс (2019-2020).

Во 2021 година, бил најблиску до НБА лигата, како играч на Лонг Ајсланд Нетс (развојниот тим на Бруклин Нетс).

Својата професионална карира во Европа, ја започнува како играч на Киев баскет во украинската Суперлига, продолжува со израелскиот клуб Хапоел Холон, по што за релативно кратко време, се решава на преселба во Турција.

Одличните игри го препорачуваат во Турк Телеком (во средината на 2022 година), а во наредната, поточно на 14.јули, 2023 година, следува потписот на кариерата, како што знае да каже, оној со турскиот гигант – Фенербахче, што е неговата „влезница“ за Евролигата!

Следната станица во неговата евролигашка кариера е Валенсија, каде ја одигра ланската сезона, и ја почна оваа. А од пред еден месец, потпиша договор со најтрофејниот италијански клуб на сите времиња – Олимпија Милано.

Со своите 204 сантиметри и 106 килограми, Нејт Сестина, кој има титула на шампион и освојувач на турскиот „Президент“ Куп, носител на круната во шпанскиот Суперкуп, успешно може да игра на двете центарски позиции, и да биде од голема помош на актуелниот играчки ростер кој го има нашата репрезентација во пресрет на новиот циклус и претквалификациските натпревари против репрезентациите на Азербејџан, Ирска и Луксембург.

ОМАРИ МУР

Омари Камау Мур е роден на 18.септември, 2000 година, во Пасадена во Калифорнија, каде и го завршил средното училиште.

Студирањето го продолжува на Сан Хозе Стејт Универзитетот, по што во 2023 година, се пријавил на НБА драфтот. Иако не бил драфтуван, 195 сантиметри високиот бек, сепак потпишува т.н. „двосмерен договор“ со екипата на Милвоки бакс.

Заиграл во летната лига како играч на Бакси, и во еден претсезонски меч на тимот од Милвоки.

Следува договор од Торонто Репторс, но во Канада игра за нивната филијала Репторс 905 во НБА „Г“ лигата во сезоната 2023-2024.

Тоа е и одлична препорака да добие голем број на понуди од екипи од Стариот континент. Во летото 2024 година, ја прифаќа онаа на турската Дарушафака. Во екипата од Истанбул, одиграл 30.мечеви, со висок просек од 15.7 поени, 5.3 скока, и 5.5 асистенции.

Ова лето дојде поканата од една од најдобрите екипи во АЦБ лигата – Валенсија.

Од 9.јули, 2025 година е играч на „портокаловите“ каде интересно, во изминатата сезона настапуваше и неговиот нов репрезентативен македонски колега – Нејт Сестина.

Со шпанскиот АЦБ лигаш, и негова одлична игра, оваа сезона веќе го освои шпанскиот Суперкуп. Важи за еден од водечките играчи на евролигашот во првите десетина кола од најсилното европско натпреварување.

Сестина и Мур, заедно со Џејкоб Вајли, ќе се стават на располагање на нашиот машки сениорски национален тим веќе за првите два натпревари во ноемврискиот ФИБА „прозорец“, односно дуелите со селекциите на Азербејџан (на 27.ноември во Скопје) и на гостувањето во Ирска (на 30.ноември, во Даблин).

ПретходноНАПРЕД МАКЕДОНИЈА: Со стил да се завршат квалификациите за полесен бараж!