Дебитантот во Првата лига жени, Газели Волеј приреди големо изненадување во последниот натпревар од шестото коло со победата од 3:1 (18:25, 25:23, 25:23, 25:20) над шампионот Јанта Волеј Кисела Вода.
Бранителот на титулата влезе сигурен во натпреварот и поведе со 1:0 во сетови на гостувањето во СЦ “Форца”. Во продолжението одбојкарките на Газели Волеј имаа помирна игра во полето, а особено на мрежата, каде до израз дојде и блокот. Делуваа посигурни во клучните моменти и се изборија за комплетен пресврт и голема победа.
Во редовите на Јанта Волеј се чувствуваше и заморот од напорниот ритам кој екипата го има со паралелниот настап и во европските клупски купови, што резултатски се одразува и дома, со оглед на тоа дека ова е втор пораз во низа откако минатото коло загубија од Наковски Волеј.
Кај Газели Волеј капитенот Теа Терзиевска беше лидер со 15 поени, следена од Даниела Горбок и Мила Дикова со по 14 поени.
Во редовите на Јанта Волеј Ана Ѓоргиевска постигна 15, додека Мери Бошковска имаше 14 поени.










