КБК Самурај со реакција: Ова е дискриминација на жените во македонскиот кикбокс!

34

Кикбокс клубот Самурај од Битола испрати соопштение до јавноста во кое реагира на одлуката на Кик бокс маитаи федерацијата на Македонија (КМФМ) и на изборот на македонскиот селектор Дејан Митровски, на претстојното Светско првенство што ќе се одрќи од 21 до 30 ноември во Абу Даби, Македонија да настапи само со машки тим, без ниедна претставничка во женска конкуренција. Од битолскиот тим потенцираат дека во Македонија има кикбоксерки кои имаат резултати за настап на СП и дека ваквата одлука на селекторот претставува дискриминација на жените во кикбоксот.

Од 14 до 16 Ноември, во Загорје об Сави, во Словенија, се одржа 39.Европски куп „Словенија Опен“, на кој учествуваа 8 држави со 95 клубови, со над 500 натпреварувачи со 711 влезови.

Единствен претставник од нашата држава беше Кик боксерката Леа Бошевска, од Кик бокс клубот КБК Самурај од Битола. Леа настапи во две дисциплини, и тоа во Лајт контакт, каде освои сребрен медал, а веднаш потоа во дисциплината Кик лајт – 50 килограми во сениорска конкуренција во која освои злато со два извонредни настапи во кои прво ја победи противничката од Словенија, за во финале да ја совлада и натпреварувачката од Унгарија.

Леа имаше вкупно три борби, во кои убедливо доминираше, со што ја подигна целата публика во преполната спортска сала, при што освои златен медал и пехар за Македонија.

Тренерите на КБК Самурај, презадоволни од подготвеноста и натпреварувачката форма на Леа, истакнуваат дека тука нема застанување, бидејќи следува настапот на Балкански куп во Ниш од 12 до 14 декември, каде Кикбокс клубот Самурај ке настапи со поголем број на натпреварувачи.

Со оглед на горенаведеното, јасно е дека Леа Бошевска е една од најдобрите кикбоксерки во Македонија во сениорска конкуренција, меѓутоа селекторот Дејан Митровски – Урко, кој воедно е и претседател на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, одлучи на светското првенство кое ќе се одржи од 21 до 30 ноември во Абу Даби, да отпатува со осум кикбоксери, без нити една кикбоксерка, со што направи целосна дискриминација на жените во кикбоксот.

Само за напомена, секоја година Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија добива финансиска помош за развој на женскиот спорт, поточно за поддршка на жени во кикбоксот. Поради кои причини, селекторот, кој воедно е и претседател на КМФМ се одлучи на ваков чекор, дискриминирајќи ја целата женска популација во спортот, посебно во кик боксот, останува тој јавно да се произнесе.

Ние како тренери и клубови од Македонија, а и целата македонска јавност, како и сите организации кои се бават со развој на женскиот спорт, заслужуваме одговор“ – истакнуваат од КБК Самурај.

ПретходноДаскаловски: Сакаме триумф за крај во Европа, во Куманово го потврдивме нашиот квалитет
СледноПолувреме У21: Полска води во Битола против Македонија (ВИДЕО)