Огнен Чак Дојчиновски
Македонскиот национален фудбалски тим синоќа во Кардиф го финишираше Мундијалскиот квалификациски циклус. Официјално сме трети во групата, што не ни носи пласман понатаму, но за наша среќа истиот ни го обезбеди претходно освоената Лига на Нации, со која што обезбедивме бараж дуели за евентуален историски пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико кој што ќе се одржи следното лето.
Историски пласман сеуште не обезбедивме. За тоа треба прво да го почекаме противникот во бараж дуелот, а ќе го дознаеме на утрешната ждрепка. Од друга страна пак синоќа добивме историски пораз. Онаков каков што фудбалска нација како што се претставуваме дека сме не смееме да заборавиме и да го „туриме под тепих“….
Велс не порази со високи, огромни, недозволиви 7:1. Во игра, во настап, во „перформанс“ кој ама апсолутно не смееме да си го дозволиме. А, кога веќе истиот ни се случи треба добро да го запомниме. За да еднаш засекогаш сфатиме како и на кој начин се игра во националниот дрес, и се бранат боите на Македонија, а како не. Момци ова не ви требаше… особено ако се знае дека овој Мундијалски циклус за нас ни оддалеку не е завршен. Сеуште ние имаме шанса за огромен успех, сеуште ние имаме можност да ја „видиме Америка“….
Сите ние колективно треба добро да го запомниме овој пораз. Кој што стави крај на една екстра позитивна серија на нашиот национален тим од четиринаесет официјални мечеви без пораз. Да, Македонија на четиринаесет мечеви не беше поразена. Овие исти момци кои што синоќа не одиграа ништо за жал, ја остварија таа серија. И тоа е факт. Со Благоја Милевски како селектор. Тој исти Сер Боби кој што знаеше како против Белгија, знаеше како против Казахстан, знаеше како против Велс дома, но ете одеднаш стана „персона нон грата“ за нашата јавност по синоќешниот пораз. Таа иста јавност која што го величаше до небо, сега одеднаш го прави најголемиот виновник за нашиот дебакл.
Да, селекторoт е виновен. Така е и така и ќе биде. Селекторот е тој што бира, селекторот е тој што одредува и селекторот е тој што има одговорност. Да, Благоја Милевски е тој што во првите единаесетмина сврствува играчи со никаква минутажа, со статус на „триесетти играч“, играчи без клубови…. и како таков стигна до бараж за Мундијал. Самиот Милевски тоа и го кажа на синоќешната прес конференцијата во Кардиф.
Како што цела македонска јавност треба да си признае дека има состојба наречена колективна амнезија, не само во случајов на фудбалската репрезентација на Македонија, туку воопшто. Во Македонија е стандардизирана онаа „секое чудо за три дена“. Штета што ете фудбалската репрезентација на Македонија нема набргу меч за да го победи, па и овој дебакл од синоќа да се заборави. Тоа е недозволиво.
А Милевски? Благоја Милевски треба да го оцени фудбалската фела. Играта, селекцијата, резултатите. „Критичната фудбалска маса“… која што има капацитет тоа да го направи, а очигледно нема храброст јавно тоа да го каже. Зошто Милевски ниту е перфектен, ниту е незаменлив.
Токму така. Неговиот актуелен договор како селектор на репрезентацијата на Македонија заврши. На Фудбалската Федерација на Македонија е дали ќе му понуди нов и под какви услови. Дали Милевски и натаму треба да ја води нашата репрезентација, јас не знам, тоа треба да го оценат раководните структури, македонските фудбалски авторитети и оние кои директно одлучуваат за тоа. А не македонската јавност, „коментарите на социјалните мрежи“ и се што „платило интернет месецов“…..










