Одбојкарите на вицешампионот Штип УГД одлично дебитираа на европската клупска сцена. Во рамките на првото квалификациско коло од Челинџ Купот, успеаја да го елиминираат норвешки Кол Ил и да се пласираат во 1/16-финалето на ова европско натпреварување.
Еден од најзаслужните за историскиот успех на тимот беше нашиот репрезентативец Стојан Илиев, кој реванш мечот во Радовиш го заврши со 22 реализирани поени.
„Историско деби и пласман во следната рунда од Челинџ Купот. По поразот од Кол Ил на гостински терен бевме мотивирани и имавме мисија да ги добиеме дома. Уште од првиот поен поставивме наша игра на агресивен сервис и напад со што гостите не можеа да се справат, исто така, сите други елементи како блокот, одбраната, приемот функционираа одлично. Сите до еден одигравме одлична средба што на крајот резултираше со максимална победа од 3-0 и освојување на Златниот сет. Следен противник ни е Милано од Италија. Станува збор за многу квалитетна екипа што се натпреварува во една од најдобрите лиги во светот. Ветуваме максимално залагање и што подобар резултат“, вели за „СпортСпорт“, Илиев.
Штипјани на 6 јануари ќе го одиграат првиот меч со италијанскиот ривал на гостински терен, додека реваншот е една недела подоцна.










