Кандидатите за титулата во Формула 1 најдобро се снајдоа на мократа и лизгава патека на Лас Вегас Стрип за време на дождливите квалификации, а пол-позицијата ја освои лидерот во генерален пласман, Ландо Норис. Возачот на Мекларен ја обезбеди најдобрата стартна позиција за Големата награда на Лас Вегас во последните моменти, пред четирикратниот последователен светски шампион Макс Vерстапен.
Возачот на Ред Бул, кој победи на првата трка во Лас Вегас во 2023 година и минатата сезона го освои својот четврти наслов, беше на врвот само кратко пред Норис да го турне на второто место.
„Беше пеколно стресно. Беше навистина гадно, веројатно некои од најлошите услови, ако не и најлошите. Толку лизгаво, толку тешко“, изјави Норис по квалификациите.
Со овој резултат, Норис ја освои својата трета последователна пол-позицион откако ја презеде контролата во борбата за титулата. Во трката ќе влезе со 24 бода предност пред својот клупски колега Оскар Пиастри. За Норис ова ќе биде 150. трка во кариерата, со што се изедначува со Дејвид Култард по бројот на настапи за Мекларен.
Првиот дел од квалификациите донесе шокантен расплет кога беа елиминирани Алекс Албон, кој удри во ѕидот, Кими Антонели и Луис Хамилтон. Хамилтон беше најбавен од сите 20 возачи, со што продолжија проблемите кои го следат во неговата прва година како возач на Ферари.
Се очекува дождот, кој го поплави градот скоро цела недела, да престане пред трката — олеснување за возачите.
„Беше многу лизгаво, не беше забавно. Не ми пречи да возам на мокро, но ова е веќе премногу. Мора да бидеш исклучително внимателен и искрено сум изненаден што немаше повеќе инциденти. Сите беа претпазливи, можеби и уплашени?“, рече Ферстапен.










