Алкалоид продолжи да доминира во пресметките со ГРК Тиквеш. Избраниците на Кирил Лазаров на домашен терен славеа со 33-24 и им се вратија на победите после двата порази во низа. После 13-то коло во Супер-лигата, Алкалоид има скор од девет победи, две ремија и два порази, за четврто место на табелата. За кавадарчани ова е прв пораз после петте победи во низа, остануваат зад Алкалоид.
Во составот на Алкалоид после долго време се врати Никола Костески, кој беше надвор од терените поради повреда. Мечот го заврши со пет гола. Прв стрелец беше Ненад Костески со шест погодоци. На другата страна Цветковски имаше пет гола.
Избраниците на Кирил Лазаров мечот го отворија со 7-3 после десет минути игра. Стојковиќ промаши за плус пет, по што следеше пресврт. Кавадарчани со серија од 6-0 (три пенали) поведоа со 7-9 во 17-та минута, неколку важни одбрани имаше Печурица. Лазаров повика тајм-аут, Велковски го постигна првиот гол заа Алкалоид после осум минути пауза, во следниот напад од седум метри реализираше Никола Костески за 9-9. ГРК Тиквеш уште еднаш поведе со плус два (10-12), но домаќинот врати со 3-0 за 13-12. На одморот резултатот беше 14-13.
После девет минути игра во вториот дел, Алкалоид ја заапиша највисоката позитива од шест гола (21-15), Кизиќ имаше две одбрани во налетот на својот тим. Домашниот тим влезе во ритам, на средината на вториот дел дојде на плус седум (24-17), на стартот на 50-та минута водството беше двоцифрено 28-18, доволно за мирен финиш.
Во следното коло, Алкалоид го чека тешка задача, му гостува на Пелистер.










