Кошаркарите на Партизан синоќа претрпеа уште еден пораз на домашен терен во Евролигата, од актуелниот шампион Фенербахче со 99:87. Сепак, за жал, главна тема е срамната кореографија на навивачите на белградскиот тим, на што реагираше и Фенер со соопштение на својата официјална веб-страница.
Популарните Гробари го кореографираа „убиството“ на Султан Мурат од Милош Обилиќ, а потоа имаа срамно скандирање.
„Секој Турчин знае, секој насилник знае, дека Обилиќ, синот на Србија, го заклал Мурат“, беше извикот во Белградската арена.
Фенербахче не беше имун на оваа срамна кореографија и порака, и реши да реагира откако заврши натпреварот.
„Овој транспарент беше поставен додека трениравме. Ги поднесовме потребните извештаи до локалните власти, но тие сепак дозволија да остане на трибините. Се сретнавме со властите по натпреварот и побаравме објаснување. Утре ќе поднесеме официјална жалба до надлежните институции, но играчите дадоа најдобар одговор на теренот. Се надеваме дека топло ќе ги пречекаме во реваншот“, соопшти Фенер.










