Денеска на теренот на ФФМ во Скопје, во меч од 14.коло, Струга ТЛ уште еднаш ја покажа сета своја класа. Го победи Работнички со 1:3, а според играта и шансите веројатно резултатот требаше да биде 1:6 или 1:7, ако се знае дека момците на стратегот Бледи Шкемби покрај трите гола имаа и три зицери и дури четири пати ја погодија стативата на голот на Работнички.
По мечот еве што кажа стратегот на Струга ТЛ:
„Мислам дека имавме многу добро прво полувреме, каде што успеавме да постигнеме два гола. Второто полувреме го започнавме малку поспано, а противникот успеа да ја намали разликата. Потоа се вративме на нашата игра и мислам дека целосно ја заслуживме победата.“ – рече тренерот Бледи Шкемби, кој зборуваше и за процесот на подготовка во пресрет на овој натпревар, каде што поради паузата за репрезентативни натпревари, играчите имаа повеќе денови на располагање.
„Паузата за некои играчи беше добра, но за жал временските услови ги направија нашите подготовки во изминатите денови малку потешки“ – изјави Шкемби.
Тој е задоволен од перформансите на играчите, како за време на натпреварите, така и на тренинзите.
„Многу сум задоволен од играчите, не само од денешниот натпревар, туку и од начинот на кој тренираат и коректноста што ја имаат“ – рече Шкемби, кој не ја изостави и добрата форма на напаѓачот, Христијан Малески.
„Малески е додадена вредност за нас во нападот и секој пат кога му се дава можност да игра, тој ја користи максимално за доброто на тимот.“ – посочи Бледи Шкемби по денешниот триумф на гости кај Работнички.
Инаку под негово водство, Струга Трим Лум во 14 првенствени натпревари има забележано 11 победи, 2 нерешени и само 1 пораз, а забележа и убедлива победа од 5:0 против Македонија ГЈ.П во рамките на Куп натпреварите.















