Македонската кошаркарска репрезентација го одработи првиот тренинг во рамките на мини-подготовките во претквалификациите за пласман на Европското првенство 2029 година. Селекторот Марјан Илиевски и неговите момци за противник ќе ги имаат репрезентациите на Азербејџан и Ирска. Првата средба се игра на домашен терен на 27 ноември во СРЦ Кале. Во составот на Македонија за овој циклус се повикани двајца Американци, Џејкоб Вајли и Омари Мур. Црвено-жолтиот дрес после долго време ќе го облече и Андреј Јакимовски, кој на тимот ќе му се приклучи утре, додека пак Мур доаѓа во среда.
Во составот се врати и капитенот Војдан Стојановски што пак е од големо значење во новата и тешка битка. Во овие претквалификации Илиевски нема да смета на Ненад Димитријевиќ, но како што кажа на денешната прозивка нема да се откаже од никого.


















