Синоќа во 87-та година од животот почина познатиот спортски работник, писател, општествен работник, поранешен фудбалски судија и делегат, доживотен почесен претседател на ОФС Охрид, Димитрија Стојкоски, попознат како Димче Лепиот.
Димитрија Стојкоски е роден 1939 г. во с. Белчишта, Општина Дебрца. За спортот се врзува уште од школските денови учествувајќи на натпреварувањата во повеќе спортски дисциплини. Со активно играње фудбал се занимава од 1957 до 1971 г., во кои особено имал забележителни настапи за ФК “Металец” – Охрид, За фудбалски судија полагал како ученик, учесник во Сојузна акција на автопатот “Братство и единство”, во 1959 г. во Ниш (Појате). Како ученик во средното економско училиште “Мите Богоески” во 1960 г. учествува во акцијата на учениците за изградба на “Полигонот за мали спортови” – Охрид. На покана на основачот на орхридскиот ракомет, професорот Александар Леко Радиќ, игра ракомет за РК “Галеб 2” – Охрид.
Во 1976 г. е главен иницијатор за да се формираат ОФС и ЗФС Охрид. Така на 19.08.1976 г. се одржува основачко собрание на ОФС Охрид каде што за прв претседател е избран Иван Новески – Крушка, а на 27.08.1976 г. се одржува основачко собрание на ЗФС Охрид каде што за прв претседател е избран Димче Стојкоски – Лепиот. Како член на ОФС Охрид активно се залага за формирање на фудбалски клубови по селата и организирање на ОФЛ Охрид. Учествува и како судија и како организатор на повеќе турнири во мал фудбал, каде што настапувал и како играч. Организирал средби – фудбалски натпревари со ОФС од Македонија и регионот. Бил инструктор и ментор на повеќе фудбалски имиња од Охрид и регионот. Од активно судење се опростил на 10.04.1997 г. на натпреварот од Купот на ОФС Охрид помеѓу ФК “Белчишта” – Белчишта и ФК “Сатеска” – Волино, а од од активната работа како делегат на 06.06.2010 г. на натпреварот од ТФЛ – Југозапад помеѓу ФК “Охрид Лоте” – Охрид и ФК “Фламуртари” – Радолишта. За својот 80-ти роденден на свеченост во ОФС Охрид е прогласен за доживотен почесен претседател на ОФС Охрид.
Во повозрасните години одреден период е претседател на атлетскиот клуб АК “Охрид” – Охрид, каде што е голем поборник на маратонското трчање, а на покана на својот поранешен колега фудбалски судија и боксерска легенда, Алексо Огненоски, одреден период е претседател на боксерскиот клуб БК “Охрид” – Охрид. Од формирањето на ФК “Охрид 2004” – Охрид, одреден период работи како секретар на клубот. На денот на неговиот роденден традиционално планинари по околината на Охрид. За својата работа во спортот на 30.01.2015 г. од страна на Сојузот за спортови на град Охрид добива награда за животно дело.
Најнакрај се занимава со пишување на монографии, вкупно 11 на број, помеѓу кои трите монографии 25, 30 и 40 години ОФС и ЗФС Охрид, и неговите капитални и ненадминати дела: “Историјат на фудбалската игра – Фудбалот во Охрид 1921-2006” и “Историјат на фудбалската игра – Фудбалот во Охрид 1921-2011”.
Погребот ќе се изврши на градските гробишта во Охрид во среда 26.11.2025 г од 12:00-12:30 часот.










