Долго време, најмногу поради школските обврски во САД, Андреј Јакимовски не можеше да одговори на повиок во националниот тим. А кога обврските завршија, следуваше нешто ново за нашиот млад репрезентативец.
Враќање во Европа. Па потпис со италијанскиот Тренто, играње во Еврокупот, во силната Лега Серија А, и сега, „враќање“ во националниот тим на Македонија.
„Задоволство ми е повторно да бидам со репрезентацијата, како што знаете по одреден период конечно сум тука, и сакам да помогнам. Сакам да почнеме од некаде, ни следат два важни мечеви во претквалификациите за Европското првенство“ – вели Јакимовски по првиот одработен тренинг со репрезентативните колеги во СРЦ „Кале“.

Повратникот во нашата најдобра селекција зрачи со оптимизам во пресрет на првите предизвици, дуелите со Азербејџан во Скопје, и со Ирска во Даблин, три дена подоцна:
„Максимално сум фокусиран на првиот меч со Азербејџан, ги повикувам сите и целата јавност да дојде да ни даде поддршка. Ова е прв чекор кон нашата цел, а тоа е да бидемее дел од Европското првенство во 2029 година. Поради оправдани причини во изминатите години не можев да бидам тука, но сега сум во Европа. и исправен сум, спремен да помогнам на репрезентацијата, на тимот и на селекторот“ – порачува еден од нашите најголем адути во оваа претквалификациска трка.










