Јовчевски: Атмосферата е променета, па со таков победнички менталитет одиме против Шкупи

30
Фото: ФФМ

Пелистер ја прекина „црната серија“ и конечно прокнижи три бода во дуелот со АП Брера пред репрезентативната пауза. Оваа победа го врати тимот во борбата за опстанок, а битолскиот клуб сега ќе излезе на мегдан со Шкупи, кој е последен на табелата од ПМФЛ.

Ова ќе биде натпревар „да се биде или не“ за Пелистер, во кој императив се трите бода.

„Апсолутно, ова е натпревар што мора да се добие. Шкупи реално веќе нема што да изгуби, но нивното бодовно салдо не смее да не залажува. После триумфот над АП Брера, во нашите редови се врати оптимизмот и мотивацијата, ги подигнавме тренинзите на повисоко ниво, атмосферата е променета, па со таков победнички менталитет ќе му се спротивставиме на Шкупи. Имаме распоред што ни дава шанси, мораме да одиме чекор по чекор, но сѐ посигурно и посигурно“, вели голманот Андреј Јовчевски, кој е едно од имињата што се истакнуваат во редовите на битолчани.

Со победата во првиот дел од сезоната од 2:0, Пелистер врза два триумфа по ред против скопскиот клуб, кој претходно повеќе години доминираше во меѓусебните дуели.

Со овој меч што се игра во Струга со почеток од 13 часот, ќе биде комплетирано 14. коло од ПМФЛ, а веќе од петок започнуваат натпреварите од 15. коло во кое Пелистер ќе го пречека тимот на Македонија ЃП.

ПретходноЧешки предизвик за ГРК Охрид во 1/8 финалето во ЕХФ Европскиот Куп
СледноРеал Мадрид без Куртоа на гостувањето против Олимпијакос