Во четврток во 21 часот на стадионот „Фадиљ Вокри“ во Приштина, во меч од 4.коло во Лигата на Конференции, силите ќе ги одмерат Дрита (Косово) и Шкендија (Македонија). Ова е екстра важен меч и за двете екипи, се чини кој и да победи ќе има големи шанси да се најде во плеј – офот во ова натпреварување и да обезбеди европска пролет.
Ако се знае дека тренер на Дрита е Зекирија Рамадани, еден од нашите најдобри стратези, човек кој каде и да работеше на Косово имаше само успеси, јасно е дека “СпортСпорт“ го контактираше Зеко во пресрет на ова балканско европско дерби:
„Па, интересен меч. Секако дека ќе има емоции кога се игра против Шкендија. Јас сум од Македонија, Шкендија е шампион на Македонија, клуб за кого и сум играл, затоа го велам тоа. Од друга стрна без разлика на се, познато е дека јас сум голем професионалец и за мене овие денови во мислите ми е само како мојата Дрита да слави против Шкендија. Секоја чест за Шкендија, но ако од другата страна е и моето дете, јас сакам да победам. Таков сум“ вели Зеко и продолжува…
“И не само за мене, емотивно ќе биде и за Егзон Бејтулаи кој играл во Шкендија долго време, како и за Блертон Шеји, кој играше за Струга ТЛ и Шкупи. Сепак, како што реков, и јас и сите во клубот посакуваме победа. Познато е дека со три бода, дали ние или Шкендија најверојатно ќе одат во плеј – офот. Не сакам мојата Дрита да игра убаво, сакам да победи. Важни се трите бода, затоа ги посакувам“.
Тој се осврна и на самиот тим на Шкендија:
„Силен тим, респект за сите во клубот од Тетово. Познато е дека ние ги дочекуваме противниците на Шкендија, па сакале или не, мора да ја анализираме играта на тетовци. Реков тоа е силен тим, посебно средниот ред и нападот. Не смее во никој случај да не залаже овој последен пораз на Шкендија, тоа никако. Кога се игра во Европа мотивите се на посебно ниво. Да кажам дека и мојата Дрита има квалитетен тим, затоа сум оптимист“.
Рамадани е убеден дека во четврток во Приштина тоа ќе биде фудбалски празник:
“Да, трибините ќе бидат преполни. Колку што знам дека ќе има и голем број фанови на Шкендија. Тоа е убаво, верувам и очекувам дека нема да има никакви провокации, дека се ќе мине во една фер и спортска атмосфера. Да покажеме и ние дека овде на Балканот можеме да организираме и одиграме еден европски натпревар на високо ниво. И на крај нека победи подобриот, јас посакувам и очекувам тоа да биде мојата Дрита“ заврши Рамадани за “СпортСпорт“, кој како играч беше дел од најславните денови на Слога Ј.










