Светското првенство во кик бокс заврши за нашиот голем адут, Бобан Илиоски. Поради повреда тој нема да може да се појави во полуфиналето. На социјалните мрежи Илиоски објави дека уште во првата рунда од првиот меч повторно ја обновил старата повреда на препоните која го мачеше и пред шест месеци. И покрај силната болка и сериозниот хендикеп, успеал да триумфира над противникот од Хрватска, Раул Сунара.
„Благодарен сум на Господ за сè, нека биде по Божјата волја. Со ова завршува мојот настап на светското првенство, но и мојата кариера како борец“, напиша Илиоски, додавајќи дека токму тој меч го означил природниот крај на неговиот натпреварувачки пат, што значи дека ќе се повлече од активното натпреварување.
„Тешко е да се прифати, но нема бегање од реалноста. Одлуката ја носам во мир“, посочи македонскиот борец.










