Во Битола денеска гостува европскиот првак Магдебург. После поразот од Пик Сегед на гостински терен, Пелистер го чека нова тешка задача во Лигата на шампиони. Првата средба меѓу овие два тима заврши со убедлива победа на бундес-лигашот (36-26), па оттука е тешко да се предвиди како може да се изненади овој противник.
Вака размислува и тренерот на актуелниот македонски првак, Рубен Гарабаја.
„Не е лесно да се игра против Магдебург. Имаме искуство од првиот натпревар и треба многу работи да подобриме за да имаме шанси против нив. За среќа сега го имаме комплетниот ростер, не бевме во нашиот најдобар момент кога игравме во Германија. Мора да бидеме внимателни на нивниот контра напад и брзата игра. Постигнуваат многу голови со многу трчање. Лесно е да се каже дека тоа може да се сопре, треба да се реализира на терен и да се биде максимално фокусиран. Верувам дека ќе биде поинаку за разлика од првиот меч. Најмногу заради тоа што играме на домашен терен“, изјави шпанскиот стратег на клупата на Пелистер.
Пелистер главната сила секогаш ја добива од своите фанови. Кога играат дома секогаш е поинаку.
„Не е лесно да се игра тука, во оваа атмосфера. Видовте каква беше разликата против ПИК Сегед. Нашиот учинок беше многу различен во двата натпревари и се надевам дека можеме да повториме и да одиграме подобро против Магдебург на домашен, отколку на гостински терен“, додаде Гарабаја.
Натпреварот меѓу Пелистер и Магдебург стартува во 20:45 часот.










